• Иван Димовски
Евертон оствари голема победа на гости кај Астон Вила и славеше со 0-1 во рамки на 22. коло од Премиер лигата.
Во првиот дел „карамелите“ на гостувањето на „Вила Парк“ имаа поништен гол на Обрајан. Сепак, решавачкиот момент се случи во 59. минута кога по голема грешка на Пау Торес, Мекнил шутираше, Мартинез одбрани, а Тиерно Бари ја смести топката во мрежата за победа на гостите. Домашните притиснаа во продолжението, но Пикфорд со одлична одбрана по ударот на Роџерс ја зачува предноста и му донесе на Евертон три големи бода.
Тимот на Унаи Емери пропушти шанса да му се доближи на Арсенал во трката за титулата и по ова коло заостанува седум бода зад лидерот. Ист број бодови со Вила има и Манчестер Сити, па „топџиите“ можат да бидат задоволни и покрај ремито со Нотингем Форест. Евертон сега има 32 бода и се наоѓа на 10. позиција и е на само три бода зад петтото место кое носи пласман во Лигата на шампионите.
И покрај бројните повреди и отсуствата поради Африканскиот куп на нации, тимот на Дејвид Мојс најавува борба за Европа.

