Тиаго Силва: Во ПСЖ секогаш бев виновникот, ова е посебен момент за мене

Важеше за аутсајдер, но Челзи одигра фантастично против Манчестер Сити и заслужено ја освои Лигата на шампионите. Во финалето во Порто, „сините“, предводени од Томас Тухел, најдоа лек како да го сопрат моќниот тим на Сити и по вторпат ги израдуваа фановите со посакуваниот трофеј од европската елита.

Тиаго Силва во текот на целата сезона беше еден од лидерот на „сините“ и фудбалер кој со своето големо искуство ги мотивираше и коригираше своите помлади колеги. По освоениот трофеј, 36-годишниот дефанзивец не го криеше задоволството од големиот успех, а испрати и порака до својот поранешен клуб.

„Работевме напорно, но ја завршивме работата како што треба и бевме наградени за сè што направивме. Ова е посебен момент за мене, особено со оглед на притисокот што го имав во ПСЖ за да се стигне до титулата. Кога и да бевме елиминирани таму, луѓето сакаа да го пронајдат виновникот, а тој секогаш бев јас. 

Се надевам дека ПСЖ ќе го освои овој трофеј во иднина, имам многу пријатели таму“, вели Силва.

Силва натпреварот со Сити го започна од првата минута, но поради повреда пред крајот на првото полувреме беше заменет со Кристенсен.