• Саше Љолес
Екипата на Реал Мадрид успеа да победи на гостувањето кај Бенфика (0-1) во тензичниот прв натпревар од плеј-офот во Лигата на шампионите. „Кралевите“ се враќаат со минимална предност, благодарејќи на Винициус Жуниор, кој беше централна фигура на теренот. Мечот го одбележаа тензичната атмосфера, црвените картони и обвинувањата за наводен расизам.
- Бенфика - Реал Мадрид 0-1:
Првото полувреме понуди динамична и отворена игра на двете страни, а Бенфика беше тимот што играше подобро во воведниот период. Португалците двапати сериозно се заканија по голот, но спасуваше голманот Тибо Куртоа.
„Кралевите“ тргнаа во поголема офанзива пред крајот на првиот дел, создадоа 2-3 добри шанси преку Винициус Жуниор и Килиан Мбапе, но мрежите останаа мирни до паузата.
Стартот на вториот дел донесе вистинска експлозија на теренот, Реал поведе со спектакуларниот гол на Винициус, кој веднаш потоа доби расистички провокации од Аргентинецот Џанлука Престиани.
Следуваше десетминутен прекин, Бразилецот одбиваше да се врати во игра и настана голема мешаница меѓу клупите на двата тима. Винициус доби совети од Жозе Мурињо, но и од своите соиграчи, па реши да се врати во игра.
Натпреварот продолжи со зголемен електрицитет на трибините, Бенфика тргна во обид за враќање во егал, а Мурињо одговори со поофанзивна тактика во периодот по 80. минута. Португалецот доби црвен картон пет минути подоцна, што значи дека нема да седи на клупата на реваншот во Мадрид.
Кабрал се закани од слободен удар, но топката се одби и заврши во мрежата над пречката на Куртоа. Очекувано, добивме судиско надополнување од 12 минути, во кое видовме беспоштедна битка на двете страни, но имаше и уште неколку мали прекини поради фрлени предмети во теренот. Реал делуваше прилично концентрирано и се снаоѓаше во хаотичната игра, но успеа да ја задржи предноста и на крајот победи со конечни 0-1.
Избраниците на Алваро Арбелоа ќе имаат мала предност во пресрет на реваншот на „Сантијаго Бернабе“, кој се игра на 25 февруари.
Победа во првиот дуел од плеј-оф извојува и тимот на Борусија Дормтунд, која пред својата публика славеше со 2-0 над Аталанта, во натпревар кој што започна 15 минути подоцна од предвиденото поради доцнење на гостинскиот автобус.
- Борусија Дортмунд - Аталанта 2-0:
Головите за германскиот претставник ги постигнаа Гираси и Бајер во првото полувреме, а во вториот дел Аталанта иако имаше иницијатива и посед на топката, не успеа да постигне ниту почесен погодок за да се врати дома со минимален пораз.








