• Саше Љолес
Легендарниот аргентински фудбалер и актуелен тренер на Индипедиенте, Карлос Тевез, отворено зборуваше за сѐ поголемата сиромаштија која ја зафаќа неговата земја и изрази големо жалење поради таквата ситуација.
Тевез вели дека многу голем број спортисти, но и општо, млади луѓе, остануваат без соодветно образование, а тоа штетно влијае врз личниот просперитет и развојот на државата. Тренерот се обидува со разни методи да ги мотивира и анимира своите играчи, од младинските, па сѐ до возрасните категории.
„Се обидуваме да тренираме на поинакви начини, особен акцент даваме и на менталната подготовка. Во мојот клуб моментално има тројца играчи кои не знаат да собираат и одземаат, двајца што не знаат да читаат. Тоа за мене е погубно и трагично. Во иднина тие треба да знаат што потпишуваат, што читаат и што прават.
Неколкумина не знаеја колку е „два плус два“. Мораме на децата да им понудиме соодветно образование, се трудиме да посетуваат учител барем два часа после секој тренинг. Сите во клубот се трудиме да обезбедиме повеќе наставници, но и играчите мора да сфатат дека без едукација, животот ќе им биде исклучително тежок. Аргентина се дави во сиромаштија, тоа е навистина жално“, заклучи Тевез.
Карлос Тевез неодамна „заплива“ во тренерските води. Најпрво го предводеше Росарио Централ, а од оваа година е тренер на Индипедиенте. Богатата кариера ја заврши во 2021 година, како играч на гигантот Бока Јуниорс.