ВИДЕО: Тетекс испадна во Трета лига, Победа ќе игра бараж за спас!

По крајот на последното коло во Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ), познат е конечниот пласман на табелата. Некогашниот освојувач на Купот на Македонија, екипата на Тетекс, патува во понизок ранг заедно со струшки Караорман.

  • Башкими - Тетекс 1-0:

„Штофарите“ гостуваа кај Башкими, но не успеаја да освојат бодови (0-1). Тоа значи дека Тетекс го освои претпоследното место на табелата и оди директно во понизок ранг со 27 освоени бода. Единствен стрелец на мечот беше Сами Аљиљи во 55. минута.

  • Победа - Беса 1-5:

Во последниот натпревар лидерот Беса беше немилосрден и ѝ даде пет гола на прилепска Победа (1-5). Сепак, прилепчани ќе играат бараж затоа што го завршија настапот во лигата со 28 бода. Голот за домашните предводени од тренерот Јане Николоски го даде Давид Дебрешлиоски, додека за новиот првак погодија пет различни стрелци, тоа беа Шабани, Алексовски, Хамза, Садики и Таипи.

  • Осогово - Пелистер 3-0:

Осогово во клучниот натпревар на сезоната славеше над Пелистер (3-0) и така обезбеди директен опстанок во Втората лига. Стрелци за домашната екипа на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани беа Тоше Манов кој погоди двапати и еднаш стрела Екрем Мемеди.

  • Саса - Вардар Неготино 5-3:

Статусот го сочува и Саса, која во ефикасен натпревар освои три бода со Вардар Неготино (5-3). Мухамед Бекир беше двоен стрелец за тимот од Македонска Каменица, погодија уште Кристијан Таневски, Марко Соколов и Дарко Алексовски, додека за гостите, реализираа Флорент Османи и Аделин Ќазинов.

  • Охрид - Кожуф 2-0:

Охрид на домашен терен во последното коло успеа да слави над Кожуф (2-0), слична беше ситуацијата и со Детонит Плачковица која во баражот оди победнички, со триумф над Караорман (2-0). Три бода освои и Новаци во натпреварот со Скопје (2-1), како и Беласица против Арсими (2-1).