Тешка, но златна победа за Вардар со Локомотива Пехчево!

Екипата на Вардар останува лидер во Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ). Фаворитот се намачи, но ги освои трите бода со Локомотива Пехчево (1-2) во натпревар кој се играше со десетминутно доцнење поради проблеми при транспортот на вардарци.

Избраниците на Бобан Грнчаров на натпреварот дојдоа до предност со голот на искусниот Дејан Цветановски во првото полувреме, но во продолжението од мечот до паузата Локомотива Пехчево изненадувачки израмни и му зададе на фаворитот големи проблеми (1-1).

Сепак, во последните минути од мечот работите си дојдоа на своето место за лидерот кога Владимир Жоглев успеа да реализира и да донесе предност од 1-2 на гостувањето на неутралниот терен во Кичево. Тоа беше и конечниот резултат.

Вардар со големата победа останува лидер на табелата во ВМФЛ со 52 бода, пред Гостивар кој има 48 бода. Трета е Воска Спорт со 47 бода, тука е и Пелистер со 43 бода. Воска и Пелистер имаат меч помалку, го чекаат дербито во среда со кое ќе се комплетира 21. коло на ВМФЛ.