Терзиќ ги шокира фановите: Си поднесе оставка од кормилото на Борусија Дортмунд

Един Терзиќ неочекувано поднесе оставка од тренерското место во Борусија Дортмунд. Минатата сезона Борусија беше само петта во Бундеслигата, но под водство на Терзиќ сензационално стигна до финалето на Лигата на шампионите.

Управниот одбор на Борусија Дортмунд ќе мора да почне да бара нов тренер бидејќи Един Терзиќ денес беше разрешен од должностите во клубот. Откако синоќа понуди оставка од менаџерската функција во Борусија Дортмунд, денеска се одржа состанок на кој покрај тренерот присуствуваше и раководството на клубот.

Направена е анализа и заклучено е дека најдобра одлука е да се прифати неговата оставка и со тоа Един Терзиќ повеќе да не е тренер на тимот од Дортмунд. Тој со Борусија го освои Купот во 2021 година, заврши на второто место во лигата во 2023 година, а минатата сезона беше во финалето на Лигата на шампионите.

По завршувањето на сезоната, Терзиќ побарал средба со раководството, и да му биде раскинат договорот, а управата на клубот на крајот се согласила.

„Почитувани фанови на Борусија, иако ме боли во моментов, морам да ве информирам дека денес го напуштам овој клуб. Беше голема чест да го водам овој фантастичен клуб до титулата во Купот и до финалето во Лигата на шампионите. По финалето на „Вембли“ побарав средба со раководството бидејќи по десет години во Борусија чувствувам дека е потребен рестарт и дека тоа треба да го направи некој друг“, напомена Терзиќ.

Терзиќ е поврзуван со Борусија од 2010 година, кога започна тригодишна епизода како скаут и помошник тренер во младинската академија и како соработник на тренерот на првиот тим Јирген Клоп.