ВИДЕО: Тер Штеген правеше ЧУДА, Барса среќно до бод кај Билбао

Екипата на Барселона не успеа да победи на тешкото гостување кај Атлетик Билбао (0-0), но и со бодот мора да биде среќна, затоа што домаќинот одигра одличен натпревар, но немаше среќа да ја затересе мрежата на лидерот во Примера.

Главен виновник за тоа е голманот Марк Андре Тер Штеген. Германецот бранеше феноменално и со четири епски интервенции ѝ донесе бод на Барселона на тешкото гостување на „Сан Мамеш“.

Барселона имаше само еден шут во рамки на голот, што е вистинска реткост за тимот со еден од најдобрите напади во Европа. Билбао притискаше, Тер Штеген еднаш спаси во првото полувреме, а вистинското шоу се случи во последните десет минути, кога Германецот имаше три феноменални интервенции. 

Во 82. минута од мечот, Ињаки Вилијамс имаше прекрасна шанса, но Тер Штеген со магичен рефлекс спречи гол. Една минута подоцна, се закани Раул Гарсија, но голманот на Барселона пак беше на висината на задачата, а јаготка на шлагот беше одбраната во 86. минута, по втората шанса на Ињаки.

Барселона останува лидер со 51 бод, шест повеќе од второпласираниот Реал Мадрид. Во наредното коло каталонскиот тим е домаќин на Ваљадолид, додека ривалот од Мадрид игра со Џирона.