Тен Хаг: Тимот е тој, имаме свои маани и фалат резултати, но има причина за тоа

Манчестер Јунајтед не игра според планот во Премиер лигата. Екипата се наоѓа во долниот дел на табелата, а и во Лигата на шампионите отвори со пораз од Баерн Минхен. Следен ривал е Галатасарај против кого на „Олд Трафорд“ само победата е опција ако се сака следна фаза.

Ерик Тен Хаг го најави натпреварот и кажа дека Манчестер Јунајтед има многу проблеми со повредени играчи. Позитивното е што Ентони се враќа во тимот, а можно е да има и промени на голманската позиција.

„Разочарани сме од резултатот, но мора да анализираме што сме сториле и да продолжиме напред. Мислам дека тимот се развива и ние мора да се адаптираме на некои ситуации. Имаме маани, на пример немаме лев бек во моментов поради повреди. Има маани во играта, но и многу позитивни работи. На крајот, најважни се резултатите, а тие ни фалат. Ентони? Се враќа во тимот, соработуваше со надлежните, не е виновен.

Околу голманот, ќе видите кој ќе брани на мечот. Против Кристал Палас во Лига Купот одлучив да му дадам пак шанса на Онана затоа што тој тукушто дојде во тимот и треба да се адаптира на англиските стандарди. Затоа Онана беше стартер на овој натпревар“, изјави Тен Хаг.

Дуелот меѓу Манчестер Јунајтед и Галатасарај се игра во вторник од 21:00 часот.