Тен Хаг не заминува за Минхен: Нема да го напуштам Ајакс среде сезона

Екипата на Баерн Минхен пред неколку дена остана без Нико Ковач, кој по серијата лоши резултати заработи отказ од функцијата шеф на стручниот штаб. 

Хрватскиот стратег уште од своето назначување за предводник на бундеслигашот пред една и пол година беше мета на критики од страна на фановите, но сега по неговото заминување, клубот е во големи проблеми во пронаоѓањето на соодветна замена. 

Меѓу најсериозните кандидати за нов тренер на Баерн се споменуваше предводникот на Ајакс, Ерик Тен Хаг, но холандскиот стратег веднаш демантираше каква било преселба во Минхен во овој период. 

„Во овој момент единствено размислувам само на дуелот против Челзи во Лигата на шампионите. Навистина горд сум што моето име се споменува, но нема да го напуштам Ајакс среде сезона. Затоа не сакам да зборувам на тоа прашање, јас сум максимално фокусиран само на Ајакс“, рече Тен Хаг. 

Покрај Холанѓанецот, во игра за нов тренер на Баерн Минхен се уште неколку истакнати фудбалски имиња, но засега нема изразит фаворит.