Тен Хаг го чинеше Леверкузен богатство од 100.000 евра дневно!

Она што требаше да биде ново поглавје во кариерата на поранешниот стратег на Манчестер јунајтед, Ерик тен Хаг, заврши изненадувачки брзо. Холандскиот тренер во мај годинава ја презеде клупата на Баер Леверкузен со големи очекувања и потпиша договор на три години, но соработката беше прекината по само два одиграни натпревари во Бундеслигата.

Германскиот „Спорт Билд“ открива дека прекинот на соработката ќе го чини клубот речиси шест милиони евра на име отпремнина. Дополнително, ако се пресмета платата што ја добил за двата месеца поминати на клупата, се доаѓа до податок дека Тен Хаг ги чинел „аптекарите“ околу 100.000 евра дневно за време на својот 62-дневен престој.

Задачата од самиот почеток беше крајно комплицирана. Да се наследи Чаби Алонсо, кој минатата сезона го водеше Баер до двојна круна без ниту еден пораз, претставуваше огромен предизвик. Сепак, никој не очекуваше дека авантурата на Тен Хаг ќе заврши толку брзо и со толкав неуспех.

Сега холандскиот стручњак повторно е на пазарот, во потрага по нов предизвик. Но, со два откази во рок од помалку од една година, неговиот углед е сериозно разнишан.