• Мартин Танасковски
Фудбалерите на Бенин имаа чест да бидат дел од последниот репрезентативен настап на Лионел Меси во дресот на Аргентина, натпревар кој сигурно ќе остане во нивните сеќавања засекогаш. Сепак, зад спектаклот на „Монументал“ во Буенос Аирес се кријат и детали кои оставиле горчлив вкус кај африканската селекција.
Според истражувачкиот новинар Ромен Молина, репрезентацијата на Бенин била сериозно разочарана од третманот што го добила од аргентинската страна. Наместо да се чувствуваат како почитувани гости на историски настан, играчите и членовите на делегацијата имале впечаток дека биле третирани како споредни актери во големото шоу.
„Почитта што ја покажаа Аргентинскиот фудбалски сојуз и играчите кон Бенин: без бонуси, без ниту еден цент од приходите од натпреварот, без размена на дресови, без заеднички фотографии и со забрана за влез во аргентинскиот коридор! Сè се прави од деловни причини на грбот на луѓе кои се третираат како обична декорација“, напиша Молина на социјалните мрежи.
Ова не е првпат да се појават информации за проблемите со кои се соочила експедицијата на Бенин за време на престојот во Аргентина. Претходно беше објавено дека селекцијата немала соодветно сместување, а се соочила и со бројни организациски потешкотии поврзани со транспортот.
Сепак, сите тие проблеми останаа во сенка на емотивната вечер посветена на Лионел Меси, кој го одигра својот последен натпревар за актуелниот светски шампион и стави крај на една од најголемите репрезентативни кариери во историјата на фудбалот.



