Таткото на Халанд откри загрижувачки вести за фановите на „граѓаните“

Гол-машината на Манчестер Сити, Ерлинг Браут Халанд заработи повреда која го оддалечи од норвешкиот национален тим и го спречи да настапи за својата земја викендов, а прогнозите велат дека ќе го пропушти и дуелот од Премиер лигата со Ливерпул.

Дербито во англискиот фудбал треба да се одигра на први април, а враќањето на Халанд уште е неизвесно. Денес ова го изјави неговиот татко, Алфи Халанд кој своевремено исто така беше играч на „граѓаните“, кој рече дека Халанд мора да мирува уште малку за да биде потоа 100 проценти “фит“ за следните мечеви. 

„Ерлинг се наоѓа во Барселона. Манчестер Сити има соработка со една прекрасна болница за рехабилитиација на спортисти и тој се наоѓа таму заедно со своите физиотерапевти. Прима терапија и се чувствува многу подобро. Не би можел да одговорам кога точно ќе се врати на теренот, јас не сум доктор. Но сум бил активен фудбалер и знам дека после две недели пауза тешко е да се “фрлиш во битка“, а битката со Ливерпул ќе биде многу тешка. Мислам дека мали се шансите за Ерлинг да настапи на овој меч“, изјавил неговиот татко, Алфи. 

Ерлинг Браут Халанд заработи повреда во тренинг-кампот на собирот со репрезентацијата на Норвешка и веднаш се врати во Манчестер, од каде потоа отпатува за Барселона на дополнителни прегледи и рехабилитација. Извонредниот „вонземјанин“ сезонава игра феноменално и има постигнато 42 гола во сите конкуренции.