Таткото на Елмас: Ељиф не оди во Бешикташ, сигурно останува во Наполи

Првпат откако Ељиф Елмас се пресели во Италија, неговиот татко и менаџер, Џеват Елмас зборуваше за италијанските медиуми. Тој потенцираше дека во Неапол пицата и кафето се прекрасни, Ељиф нема намера да се врати во Турција и дуелот со Косово е приоритет за следната година.

Џеват потенцираше колку важна за Ељиф е статуетката која ја доби во вторникот од Фудбалската федерација на Македонија

„Многу сме горди што Ељиф ја доби наградата за фудбалер на годината во Македонија. Наградата ќе биде голем мотив за уште подобри настапи и можност уште повеќе да го подигне нивото на своите настапи и со Наполи и со македонската репрезентација. Се преселивме со Ељиф во Неапол, исто како што го следевме во Истанбул. Уште е многу млад и семејството му е потребно. Неапол е прекрасен град и ни се допаѓа тука“, смета таткото на Ељиф Елмас.

Потоа, тој зборуваше за Наполи и првата полусезона на неговиот син. 

„Целта што Ељиф дојде тука е да напредува и ако му се укаже шанса да освои трофеи. Досега сезоната е тешка, но Наполи е голем клуб, има големо искуство и квалитете и убеден сум дека ќе излезе од кризата. Мојот син е многу среќен што има можност да работи со големо фудбалски имиња како Анчелоти и Гатузо. 

Верувам дека Наполи ќе заврши меѓу првите четири екипи на табелата, а Македонија во март има историска шанса да се квалификува на Европскo првенство. Муабетите за позајмица во Бешикташ допреа до мене, но нема ни малку вистина во тоа. Ељиф ќе остане во Наполи, а премногу е приврзан за Фенер за воопшто да размислува за Бешикташ“, заврши Џефат Елмас.   

Веднаш по новогодишните празници, Наполи со Елмас, веруваме со Елмас во тимот, ќе го пречека Интер на „Сан Паоло“.