Татко му беше легенда на еден тим, а тој смени седум клуба во калчото!

Италијанскиот прволигаш Каљари официјално го потврди ангажманот на офанзивниот играч за врска Даниел Малдини, кој пристигнува од Аталанта.

Трансферот е реализиран како едногодишна позајмица вредна еден милион евра, со условна задолжителна опција за откуп во висина од осум милиони евра плус дополнителен милион преку бонуси. Доколку клаузулата биде активирана, 24-годишниот фудбалер ќе потпише договор на пет сезони.

Синот на легендарниот Паоло Малдини ќе го облече дресот на својот седми клуб во Серија А. Покрај Милан и Аталанта, тој во кариерата настапуваше и за Специја, Емполи, Монца и Лацио, најчесто како позајмен играч.

Малдини, кој има шест настапи за репрезентацијата на Италија, одигра 22 натпревари и постигна три голови во дресот на Аталанта. Клубот од Бергамо го доведе на почетокот на 2025 година од Монца за сума од 13 милиони евра плус бонуси.

Минатата зима беше испратен на позајмица во Лацио, каде настапи на 14 натпревари и постигна два гола, а сега кариерата ќе ја продолжи во редовите на Каљари.

Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.