Дарко Тасевски со тешка повреда, „касап“ му ги скина лигаментите

Македонскиот интернационалец Дарко Тасевски доживеа тешка повреда во дресот на бугарска Славија Софија.

35-годишникот се повреди на натпревар против летонска Спартак Јурмала, во која Славија успеа да слави со минимални 1-0. Тренерот на бугарскиот тим откри дека Летонците играле прегрубо и дека Тасевски настрадал поради тоа.

„Дарко има тешка повреда, ги скина предните вкрстени лигаменти. Нема да игра веројатно половина година. Игравме со едни Летонци, маваа ѕверски. Еден од нив како „касап“ стартуваше врз Тасевски. Тоа беше страшен дуел“, изјави Венцислав Стефанов.

Поради повредата Тасевски многу веројатно предвреме ќе ја заврши сезоната во бугарскиот фудбал.