Тасевски: Се плашам за моите родители, се надевам дека сè ќе се среди брзо!

Македонскиот интернационалец Дарко Тасевски моментално настапува во Бугарија каде го носи дресот на Славија Софија, а во интервју за бугарски „Спортал“ раскажа како ги минува деновите за време на паузата.

Коронавирусот ги сопре речиси сите активности во спортот во Европа, а моментално топката се тркала само во Белорусија.

„Внимавам на правилата и на ограничувањата кои се спроведени во моментов. Седам дома, со децата излегуваме само во дворот, играм ФИФА на плејстејшн, готвам... Минувам повеќе време со семејството. Понекогаш го забораваме тоа поради забрзаниот начин на живот“, изјави Тасевски.

Играчот од средниот ред откри дека единствено нешто што го плаши се неговите родители кои се во Македонија.

„Единствено нешто кое ме плаши во моментов се моите родители во Македонија. Тие се веќе во години, тешко ми е што сега не сум со нив и ако не дај Боже, треба да им помогнам за нешто. Затворени се границите. Имам и три мали деца. Затоа внимавам максимално и ги почитуваме сите мерки“, додава фудбалерот.

Тасевски истакна дека и во Македонија ситуацијата е иста како и во Бугарија, кога се работи за коронавирусот.

„Насекаде е исто како и во Бугарија. Луѓето треба да седат дома, да ги ограничуваат социјалните контакти и да се молат се да мине побрзо и со малку жртви“, додаде некогашниот репрезентативец.

Дарко Тасевски моментално е повреден, затоа што за време на паузата се здоби со тешка повреда на преден вкрстен лигамент. Рехабилитацијата трае, а тој се надева дека ќе се врати пак на терените и ќе може да игра фудбал уште најмалку една година.