• Мартин Танасковски

Македонскиот фудбалер Дарко Тасевски замина во пензија и веднаш влезе во тренерски води. 39-годишникот остана во Бугарија каде ќе биде дел од стручниот штаб на Славија од Софија, клуб каде ја заврши кариерата.
Главен тренер таму е Хозе Марија Бакеро, 60-годишен Шпанец кој е поранешен играч на Барселона во периодот од 1988 до 1996 година, со преку 260 настапи, како и 30 меча за репрезентацијата на Шпанија.
„Адреналинот крај аут-линијата е голем, потешко е. Како играч исполнуваш задачи, а сега гледам како се функционира за цел тим. Многу ми е интересно и имам голема желба да учам и да се развивам. Можеби исполнив 80% од нештата на кои целев како фудбалер, благодарен сум што играв на ниво до 39 години. Сега кога ќе размислам, гледам што сме правеле со повеќе тренери и разбирам зошто сме тренирале ова, или тоа, зошто дадени тренинзи биле толку многу важни за играчите. Имам друг поглед од овој момент. И имам страшна среќа да работам со Хозе Марија Бакеро. Кога разбрав дека тој доаѓа во Славија, со задоволство прифатив да сум дел од стручниот штаб. За мене тоа е одличен старт, не секој има шанса да учи од таква легенда на Барселона“, изјави Тасевски.
Тасевски е дел од Славија Софија од 2019 година. Претходно играше на Тајланд каде остави голема трага како играч на Кон Каен, Суфанбури, Бангкок Глас, има и настапи во израелска Шмона, бугарски Левски, украински Металург Запорожје како и македонските Вардар и Цементарница 55.
Зад своето име Дарко Тасевски има и 45 настапи за репрезентацијата на Македонија, со еден постигнат гол.