• Саше Љолес

Екипата на Ливерпул испушти водство во 98. минута од големото градско дерби против Евертон и ремизираше со 2-2 (1-1) во последниот натпревар меѓу вечните ривали кое се игра на легендарниот „Гудисон Парк“.
- Извештај од натпреварот:
„Црвените“ на тренерот Арне Слот не започнаа најдобро, домаќините поведоа во 11. минута преку Бето, но одговорот дојде пет минути подоцна, кога Мохамед Салах асистираше за Алексис МекАлистер, кој воедно го постави и резултатот на паузата меѓу двете полувремиња (1-1).
Вториот дел донесе тврда игра со ангажиран пристап на средината од теренот за двете екипи. „Карамелите“ се обидоа да дојдат до ново водство, постигнаа и гол кој беше поништен поради офсајд, но набргу потоа на сцената повторно стапи египетскиот „фараон“, кој начека една топка и со шут од десната страна ја смести во мрежата на Џордан Пикфорд.
Ливерпул поведе со 1-2 во 73. минута и се чинеше дека полека го фати потребниот моментум за заокружување на триумфот. Фаворитот се обиде рутински ја доработи задачата и да ја врати предноста од девет бода пред второпласираниот Арсенал, но во 98. минута дојде чудо за домашните навивачи.
Џејмс Тарковски успеа да ја затресе мрежата на Алисон Бекер, по што следуваше ерупција од трибините, а дел од фановите влетаа и во теренот. ВАР-собата прегледуваше можен офсајд, но голот беше регуларен и започна славјето на „карамелите“, кои сега стигнаа до 27 бода и за момент го запреа вечниот ривал во походот кон нова шампионска титула.
На самиот крај на мечот зовреа страстите, неколкумина фудбалери на двата табора влегоа и во физичка пресметка, а највоинствени беа Дукуре и Џонс, кои заработија црвени картони.