Тареми: Не зборувам за политика, не сме под притисок и немам моќ за промени

Иранскиот напаѓач Мехди Тареми денес изјави дека неговата репрезентација не е под никаков притисок откако одби да ја пее националната химна на првиот натпревар против Англија на Светското првенство во Катар.

Во пресрет на натпреварот во понеделникoт, фудбалерите на Иран не пееја за време на националната химна и стоеја замолкнати, што многумина го протолкуваа како гест на солидарност со демонстрантите. Дури не ни прославија при двата гола против Англија.

„Не сакам да зборувам за политички работи, но не сме под притисок. Знаев дека ќе се поставуваат вакви прашања, но што и да кажам нема да влијаам, бидејќи некои ќе пишуваат што сакаат. Затоа претпочитам да не зборувам за политички теми.

Јас, како и илјадници луѓе како мене, немам моќ да ги менувам работите“, изјави иранскиот фудбалер.

Протестите во Иран започнаа на 16 септември, денот на смртта на Махса Амини во болница, каде што беше ставена во тешка состојба по нејзиното апсење на 13 септември во Техеран поради „носење несоодветна облека“ и непочитување на строгите ирански кодекс на облекување за жени. Демонстрациите подоцна се претворија во движење против иранските верски власти.

Според податоците на невладините агенции, во задушувањето на тие протести загинале неколку стотици луѓе, додека околу 15.000 биле уапсени. Некои од уапсените беа осудени на смрт.