Танушев стрелец, Победа минимално го совлада Кожув

Попладнево на лошиот терен во Мрзенци, фудбалерите на прволигашот Победа во вториот натпревар во подготвителниот период, забележаа минимална победа од 1-0 над солидниот второлигаш Кожуф од Гевгелија. И на овој меч тренерот Јане Николоски настапи со комбинирани состави со напомена дека на полувреме беа извршени осум замени а во 75. минута во игра влегоа најммладите.

Со оглед на условите за игра Николоски во оваа фаза од тренажниот процес е задоволен од прикажаното. Она што е најбитно е дека кај фудбалерите е евидентна желбата, имаше доста трчање и креаирани беа повеќе шанси кои за жал не ги искористија Макота, Танушев и Тимовски, а победоносниот гол го постигна токму Танушев во последните минути од натпреварот.

Утре и задутре екипата на Победа ќе одработи по два тренинзи, а според планот за в недела е закажан третиот контролен меч, во кој противник ќе биде Тиквеш. Местото на одигрување ќе зависи од временските услови в недела.

По враќањето од Дојран во недела подготовките продолжуваат во Прилеп. На 6 февруари на теренот со вештачка трева е договорен контролен меч со второлигашот Гостивар, а генералката пред стартот на шампионотот е со второлигашот Плеистер, најверојатно во Битола. 

Пролетната полусезона започнува на 17 февруари, кога во 19 коло Победа ќе биде домаќин на Беласица.