Танушев: Кожуф е млада екипа, никако не е за потценување

Екипата на Пелистер е подготвена за следниот предизвик во ВМФЛ, прв по репрезентативната пауза. „Зелените“ гостуваат кај Кожуф во Гевгелија, веќе се во карантин и се подготвуваат за мечот, а видувањата ги сподели повратникот Ѓорѓи Танушев.

„Пред сѐ, сакам јавно да им се заблагодарам на управата и на стручниот штаб за укажаната доверба. Ќе дадам максимум од себе, да ја оправдам довербата и професионално да одговорам на овие нови предизвици, кои претставуваат огромна чест за мене.

Во врска со утрешниот натпревар, подготвени сме да одиграме доста квалитетно на гостувањето со мотивираната и млада екипа на ФК Кожуф која во овој момент никако не е за потценување. Работевме и се спремавме многу напорно последните две недели, и со максимален труд, добра дисциплина и добра тимска работа, ќе ги израдуваме нашите верни фанови и поддржувачи“, изјави Танушев.

Натпреварот меѓу Кожуф кој досега е непоразен и Пелистер кој е тим со амбиции за влез во елитата се игра од 15:00 часот.