Таневски: Во вториот дел се играше фудбал само 20 минути

Академија Пандев на Александар Таневски ја отвори сезоната со пораз. Загуби кај повратникот Пелистер во Битола (0-1), во меч во кој гледавме две различни полувремиња. Ако првото беше допадливо, второто беше доста заморно, нешто со што се согласува стратегот на „пандевци“.

Таневски истакна дека имало многу прекини, посебно во второто полувреме, во кое активен фудбал се играло само 20 минути. Смета дека Академија Пандев ќе биде подобра екипа за некое време, кога ќе се вклопат сите нови играчи.

„Ова беше типичен меч како по пауза после пет месеци. Му ја честитам победата на Пелистер, ние влеговме малку несигурно, но тоа е цената за некои млади играчи што сакаме да им дадеме шанса. Во вториот дел од првото полувреме игравме подобро. Потоа нападнавме, но темпото на Пелистер не дозволуваше. Имаше многу прекини, играчите повеќе лежеа, активен фудбал во второто полувреме се играше 20 минути.

За силата на нашиот тим ќе може да зборуваме по репрезентативната пауза, неколку квалитетни засилувања ни дојдоа пред неколку дена. од следното коло ќе бидеме подобри и поконсолидирани“, коментира Таневски.

Струмичани во следната рунда ќе се соочат со шампионот Вардар, кого го пречекуваат на домашен терен.