Таневски: Скопје за мене никогаш не бил само клуб!

Тренерот на Скопје, Александар Таневски, не го криеше задоволството по обезбедениот пласман во Првата македонска фудбалска лига, истакнувајќи дека успехот има посебна тежина за него поради силната поврзаност со клубот.

„Тешко е со неколку реченици да се опишат сите емоции по завршувањето на натпреварот. За мене, овој клуб никогаш не бил само клуб. Тука поминав пет сезони како фудбалер, ја имав честа да бидам капитен и доживеав многу убави, но и тешки моменти кои ме обликуваа како човек и спортист.

По вторпат како тренер на Скопје, успеавме да избориме пласман во Првата лига. Патот до оваа цел не беше воопшто лесен. Се соочивме со бројни предизвици, многу работа, моменти на сомнеж, повреди и огромен притисок, но никогаш не престанавме да веруваме во тоа што го работиме. Најголемата заслуга за овој успех им припаѓа на фудбалерите. Оваа група момци покажа карактер, пожртвуваност и заедништво какво ретко се гледа. Тие се најзаслужни што Скопје повторно ќе биде дел од елитното друштво.

Сакам да им се заблагодарам и на членовите на стручниот штаб, на претседателот, директорот, на сите луѓе во клубот, како и на навивачите кои беа покрај нас и во најтешките моменти од сезоната. Горд сум што сум дел од оваа приказна и што заедно успеавме да донесеме радост за клубот, за населбата и за целиот град. Продолжуваме понатаму со истата љубов, истата страст и истата посветеност кон фудбалот“, изјави Таневски.

Скопје се врати во Првата лига за првпат по 2023 година. До место во најдобриот шампионат дојде преку бараж, со триумф над Брера Струмица.