Таневски: Пресуди искуството, но не сум незадоволен од резултатот

Предводникот на Македонија Ѓорче Петров, Александар Таневски, не беше целосно разочаран од поразот кај Алашкерт во првиот меч од квалификациите за Лига Европа.

Неговиот тим во еден момент имаше активен резултат, но прими два гола во завршницата од мечот, па сега ќе има тешка задача на реваншот за една недела.

„Не сум разочаран од резултатот. Недостатокот на искуство си го направи своето и влијаеше на конечниот резултат. На реваншот ќе се обидеме да ги поправиме грешките. На вториот меч ќе покажеме колку сме подготвени за Лига Европа. Ова беше само прв дел од двомечот.

Алашкерт не ме изненади, си ја одигра својата игра и победи. Ако не ги направевме грешките, ќе имавме можност за подобар резултат. Имаме многу млади играчи кои првпат настапуваат во Европа, а тимот немаше европски настапи во последните десет години“, рече тренерот на „лавовите“.

Ерменскиот претставник ќе гостува во Скопје со предност од 3-1 и има убава шанса да обезбеди пласман во следната фаза.