• Саше Љолес
![](https://cdn.gol.mk/static/styles/main_article_image_focal/public/2023/12/03/taneski-besa.jpg?itok=VvLzl6c3)
Тренерот на Беса 1976, Александар Таневски, беше презадоволен од убедливата победа на неговиот тим против Башкими и рече дека заслужено стигнале до убедлива победа со 0-3 на гостински терен. Со овие три бода клубот од Добри Дол ја осигура есенската титула на едно коло до крајот на полусеезоната.
Амбициозниот второлигаш „трча“ кон Првата македонска фудбалска лига и полека се издвојува како најсериозен претендент за првото место во второлигашката конкуренција. Беса има пет бода предност пред второпласираниот тим на Детонит Плачковица, а тренерот Таневски вели дека формата на екипата во моментов е одлична.
„Им честитам на моите момчиња за победата, сосема заслужено славевме на овој натпревар. Имаа одличен пристап и знаеја што ги чека. Повеќе од еден месец играме во одлична форма и покажавме дека сме подобар тим во моментов.
Ова беше вистински првенствен дуел и благодарност до домаќинот за извонредниот пречек и убавите услови за игра“, изјави предводникот на Беса за ТВ МТ Нет.
Во следното коло лидерот во ВМФЛ ќе ја нагости прилепска Победа и повторно ќе има фаворитска улога за нови три бода.