• Горан Упале

Александар Таневски, синоќа го имаше своето официјално деби на клупата на младата селекција на Македонија. На дуелот против Црна Гора момците на Таневски ремизираа со по еден постигнат гол, а македонскиот тренер испрати искрена благодарност до домаќините на овој натпревар – Битола и битолчани.
Таневски им се заблагодари на битолчани за големата поддршка и потенцираше дека Битола уште еднаш покажа дека е вистински фудбалски град.
„Битола, благодарам! Голема благодарност до градот Битола и до сите навивачи кои вчера беа на стадионот и ни ја дадоа својата огромна поддршка. Ја почувствувавме вашата енергија, вашата поддршка и верувам дека и вие ја почувствувавте нашата борба, желба и енергија на теренот.
Битола уште еднаш покажа дека е вистински фудбалски град! Следниот пат кога ќе играме тука, ќе дадеме сè од себе да ве израдуваме со победа! Благодарам, Битола! Благодарам, Македонија!“, напиша Таневски на социјалните мрежи.
Таневски на клупата на Македонија У21 седна на местото на Горан Станиќ, а до крајот на квалификациите ќе ја води нашата селекција на уште еден меч, против Шведска на гости.
