• Мартин Танасковски


Младите спортисти се срцето на иднината на македонскиот фудбал – талентирани, посветени и гладни за успех. Преку серија инспиративни интервјуа под наслов „Нашите идни шампиони“, Powerade и Gol.mk организираат уникатна кампања посветена токму на нив.
Запознаваме осуммина перспективни млади фудбалери кои се веќе дел од репрезентативните селекции и најголемите домашни клубови. Со емотивни интервјуа, фотографии и лични приказни, ја откриваме човечката страна на спортот и ја истакнуваме важноста на поддршката што младите ја добиваат во најчувствителниот период од кариерата.
На ваков начин, Powerade не само што го промовира спортот, туку и активно помага во градењето на иднината на македонскиот фудбал. Следете нè и инспирирајте се од генерацијата што доаѓа.
Третото име во овој серијал интервјуа е Иван Танчев, репрезентативец на Македонија со селекцијата до 18 години и актуелен член на Брера Струмица, со која е освојувач на двојната круна со пионерскиот тим.
„Јас сум Иван Танчев, имам 16 години и тренирам во Брера Струмица. Играм за генерацијата 2008 година. Цела кариера сум во овој клуб и уживам тука. Се одлучив да играм фудбал затоа што од мал ја засакав топката. Прво почнав со кошарка, но не ми беше многу интересен спорт, бидејќи немаше многу дуели и трчање. Кога наполнив шест години, почнав да играм фудбал. Играм разни спортови, но се разбира фудбал најмногу сакам.“
Младиот фудбалер игра во офанзивниот дел на тимот, а со соиграчите ги обедини титулите во шампионатот и во Купот на Македонија. Посебно запазена улога, Танчев имаше на патот до Куп-трофејот.
„Во моментов играм на позицијата полушпиц, но можам и на други позиции да играм и да одговорам на задачите. Од почетокот на кариерата играв во средниот ред поназад, но сега сум понапред. Задоволен сум од она кое го постигнавме оваа сезона, одиграв многу добро во финалето на Купот на Македонија со Пелистер, каде го изнудив пеналот по кој дојдовме до победа. Исто така постигнав и хет-трик во полуфиналето со Македонија ЃП за пласман во следната фаза. Ме радуваат и настапите во лигата каде исто така станавме шампиони со моите соиграчи“, додаде младиот членот на Брера.
Во моментов, Танчев работи со Мартин Алаѓозов, но има благодарност за сите тренери.
„Во моментов јас сум втор капитен во екипата на пионери. Во Брера Струмица работев со Тони Атанасов како дел од помладите пионери, а сега сум со Мартин Алаѓозов. Многу ми помагаат сите да се изградам како фудбалер. Сум имал повеќе тренери, од секого различно сум научил. Првиот тренер ми беше Звонко Тодоров, а исто така работев и со Ѓорѓи Стојчев“, истакна Танчев.
Иван Танчев е дел и од У18 репрезентацијата која предводена од селекторот Димитар Капинковски настапи на квалификацискиот турнир за пласман на ЕП во Шкотска. Очекувањата и на клупски и на репрезентативен план секогаш се високи.
„Во Шкотска одигравме доста добри натпревари. Ние се дружиме, како едно семејство сме. Целокупно сум задоволен. Селекторот на 2008 генерација Димитар Капинковски работеше со нас и многу сум задоволен од работата со него. Очекувањата за следната сезона и на клупски и на репрезентативен план ми се секогаш повисоки. Ме поканија да тренирам со првиот тим, со кого немам играно, имав само два до три тренинзи претходно. Сакам да останам дел од првиот тим и понатаму, тоа ми е желбата која ја имам“, истакна струмичанецот.
А, веднаш кога ќе се спомене Струмица и фудбал, прва асоцијација е Горан Пандев. Што значи името Горан Пандев за младиот Танчев?
„Кога ќе го чујам името Горан Пандев, тоа за мене е многу големо нешто, голема фудбалска појава, човек кој е многу значаен за македонскиот фудбал, ценет е во Италија и насекаде низ светот нѐ препознаваат по него. Знаеме сите што Пандев направил за фудбалот. Се имаме сретнато кога доаѓал во Брера, немаме многу разговарано, но многу сум среќен што го познавам и што го имам гледано. Мојот сон е да ги достигнам неговите успеси“, ни откри Иван Танчев.
Негов идол, покрај Горан Пандев кого го гледа како пример, е и Лука Модриќ. Желбата за иднината му е еден ден да заигра во најдобрите лиги во Европа, како и да има успех со Македонија.
„Фудбалски идол покрај Пандев ми е Лука Модриќ заради неговата техника и контрола со топката и Килијан Мбапе заради неговата брзина. Многу ми се допаѓа како игра, сакам да давам пасови на такви брзи играчи. Модриќ го сакам затоа што беше лидер во шампионските денови на Реал Мадрид, за кого и навивам како клуб. Желба за иднината ми е цел живот да заиграм професионално фудбал. Да бидам во некој посилен клуб и да играм за репрезентацијата на Македонија со која сакам да имам големи успеси во иднина“, заврши Танчев.