• Зоран Мишевски

Напаѓачот на Шкендија, Фабрис Тамба, истакна дека тимот со голема самодоверба и мотивација го очекува првиот натпревар против Хибернијан во третото квалификациско коло од Конференциската лига.
„Дојдовме со голема мотивација бидејќи нѐ очекува многу важен натпревар против квалитетен противник. Не знам многу детали за Хибернијан, но сум слушнал доволно за нив и не беше никакво изненадување кога дознавме дека токму тие ќе ни бидат следен ривал. За нас ова е голем предизвик“, изјави Тамба.
Тој потенцираше дека атмосферата на трибините нема да биде нешто ново за фудбалерите на Шкендија.
„Минатата сезона одигравме неколку големи европски натпревари пред многубројна публика. Навикнати сме да играме во таква атмосфера и тоа нема да претставува проблем за нас“, нагласи напаѓачот.
На прашањето каква порака има до шкотските навивачи, Тамба порача дека најдобро ќе биде да зборува со својата игра.
„Најдобро е сите да почекаат да го видат натпреварот. Се надевам дека ќе бидам на највисоко ниво и ќе го дадам својот максимум, а потоа тие сами ќе го формираат своето мислење“, рече тој.
Осврнувајќи се на европскиот пат на Шкендија, Тамба направи интересна споредба.
„Секогаш велам дека квалификациите се како трејлер пред филмот. Минатата сезона веќе бевме во самиот филм, односно во групната фаза на Конференциската лига. Оваа сезона патот е поинаков, но сега веќе знаеме како изгледа филмот и сакаме повторно да стигнеме до него“, истакна Тамба.
Првиот натпревар од третото квалификациско коло во Конференциската лига меѓу Хибернијан и Шкендија ќе се одигра в четврток во Единбург со почеток од 21:00 часот по македонско време.


