• Саше Љолес
Напаѓачот на Вардар и младински репрезентативец на Македонија, Михаил Талевски, ги најави претстојните контролни натпревари против У21 селекцијата на Косово и рече дека најважно е што тимот има победнички карактер и менталитет.
Фудбалерите на селекторот Горан Станиќ двапати ќе се соочат со ривалот од соседството, а Талевски даде изјава на последниот тренинг и посочи дека оваа генерација има квалитет за големи нешта.
„Имавме одлични подготовки. Неспорно е дека оваа група на фудбалери има квалитет, но тоа што најмногу ја краси оваа генерација е компакноста, желбата за докажување и победничкиот менталитет.
Имаме тешка група во квалификациите, која е составена од силни репрезентации како Италија, Шведска, Полска, но тоа не треба да претставува пречка, напротив треба да биде мотив плус за нас за да го дадеме максимумот на секоја средба, да не потцениме ниту еден противник и да одиграме добри квалификации.
Подготовките како овие со Косово се добредојдени. Ривалот не е наивен, има голем квалитет, но и ние мораме да го прикажеме најдоброто од нас“, рече Талевски.
Селекцијата предводена од селекторот Станиќ утре го игра првиот натпревар со Косово на стадионот „Фадил Вокри" во Приштина, со почеток во 19:00 часот. Вториот контролен меч се игра на 31 мај, на тренинг центарот „Петар Милошевски", во Скопје, со почеток во 15:00 часот.