Талески: Пандев и Елмас ми се пример на теренот, а сонот ми е Барселона!

„Нашите идни шампиони“ продолжува со нова серија приказни за младите спортисти кои ја градат иднината на македонскиот спорт. Powerade и Gol.mk повторно им даваат простор на оние кои допрва треба да го кажат своето име на големата сцена.

Во второто издание на оваа кампања, запознаваме осум перспективни македонски спортисти, млади луѓе кои секојдневно тренираат, се жртвуваат и растат низ спортот. Преку нивните лични приказни, откриваме и дел од спортскиот живот невидлив за публиката: поддршката од семејството, влијанието на тренерите, борбата до првите успеси, соништата и предизвиците на патот кон врвот.

Со оваа кампања, Powerade продолжува да ја истакнува важноста на вистинската поддршка во најсензитивните години од развојот на еден спортист. Затоа, следете ја новата генерација која доаѓа и бидете сигурни дека македонскиот спорт има светла иднина.

Ви го претставуваме Габриел Талески, 18-годишен фудбалер на Брера Струмица кој со младинците стана шампион на Македонија, а оваа сезона за првпат имаше шанса да заигра и сениорски фудбал во струмичкиот колектив. Се работи за играч за врска роден 2008 година, кој важи за голем надеж на македонскиот фудбал.

„Моментално играм фудбал во Струмица, но роден сум во Прилеп. Тренирам фудбал од мојата четиригодишна возраст, почнав како дете, иако не доаѓам од спортско семејство, моите родители се немаат бавено со спорт, само моите чичковци имаат играно фудбал. Првите чекори во фудбалот ги направив во родниот град каде играв за Талент Прилеп, а потоа преку фудбалската школа на Тони, заминав во местото каде што сум сега. Кога бев деветто одделение заминав во Струмица, не се исплашив од предизвикот и го прифатив веднаш“, започна Талески во интервјуто.

Талески ужива кога игра во средниот ред и создава шанси за своите соиграчи. Моментално е член на репрезентацијата на Македонија до 19 години, а исто така дебитираше и за првиот тим на Брера Струмица.

„Мојата природна позиција е играч за врска во средниот ред и уживам кога правам добри работи за тимот. Играм и за младинската репрезентација на Македонија до 19 години. Последната сезона заиграв и за првата екипа на Брера Струмица, чувството како млад играч е неописливо да се игра во прв тим. Секој млад играч сонува за тој момент кога ќе заигра сениорски фудбал и на клупски план и во дресот со државниот грб. Предност е кога играш со повозрасни, тука има разлика која треба да ја направиш и секоја шанса што ќе ти се даде – да ја искористиш“, додаде младиот играч.

Фудбалерот направи споредба и на настапите во младински и сениорски фудбал и опиша како кај него влијаел тој премин на спортски и на личен план.

„Реално гледано, преминот од младински во сениорски фудбал кај нас во Македонија е малку потежок, затоа што се уште созреваш и на физички и на фудбалски план. Но, немаше некоја голема разлика, затоа што бев фокусиран максимално и слушав се што ми се говореше. Го користев секој совет за да бидам подобра верзија од себе и да напредувам“, истакна Талески.

Младиот играч работеше со тренерот Ѓорѓи Стојчев, за кој вели дека оставил голема трага кај него, а исто така, многу голема помош добил и од селекторот на репрезентацијата Димитар Капинковски.

„Имав многу тренери низ мојот фудбалски пат. Моментално работам со тренерот Ѓорѓи Стојчев, тој ми помогна многу во последните години и направи да се чувствувам феноменално. Исто и селекторот во националниот тим Димитар Капинковски“, додаде Талески.

Зад себе, Талески има сезона со младинска титула, настап во сениорскиот тим и репрезентативни настапи – податоци кои го прават да биде задоволен од постигнатото.

„Прилично сум задоволен од сезоната која што помина. И од мојата игра и од пристапот. Кај младинците имав десетина голови и над 16 асистенции, а денитирав и за сениорскиот тим. За жал, испаднавме во Втора лига, но подготвени сме сите да го поправиме впечатокот и да играме за Брера Струмица ако добиеме шанса во периодот кој следи“, истакна младиот играч.

Со репрезентацијата на Македонија до 19 години, Габриел Талески играше во квалификациите за Европското првенство. Селекцијата имаше неколку силни натпревари, а за нив следи нов предизвик.

„Имавме квалификациски турнир во Холандија со У19 селекцијата. Игравме со домаќинот Холандија, со Фарски Острови и со Молдавија. Со Холанѓаните загубивме, а со Фарски Острови и со Молдавија одигравме нерешено. Од тимска гледна точка, добра беше играта која ја прикажавме. Имавме силни селекции против себе. Пред крајот на оваа година ни следи нови квалификации, нов предизвик за нас и со нетрпение ги чекаме“, раскажа фудбалерот.

Од досегашните мечеви во кариерата, Габриел Талески нема да го заборави дебито во младинската Лига на шампиони со Сараево.

„Имам доста натпревари зад себе, но посебно место кај мене има дебито во младинската ЛШ со Брера против Сараево. Исто така, би го издвоил и мечот против Холандија со репрезентацијата. Се надевам дека во иднина ќе имам уште повеќе натпревари за паметење“, вели тој.

За крај, Талески откри кои се неговите идоли. Од Македонија се огледува на Горан Пандев и Ељиф Елмас, додека како голем навивач на Барселона, идоли од странство му се Лионел Меси и Педри.

„Најголема желба ми е еден ден да заиграм во некој добар голем клуб во странство. Навивач сум на Барселона, па желба ми е да го облечам еден ден тој голем дрес, барем на еден натпревар. Исто така, да заиграм и за сениорите на Македонија. Од нашата земја се огледувам на Горан Пандев и Ељиф Елмас, двајцата се пример за успех кој е дојден по многу работа и посветеност“, заврши Талески.