• Мартин Танасковски
По победата против Манчестер Сити, екипата на Барселона продолжи со добри резултати во подготовките за новата сезона, а избраниците на Ханси Флик синоќа го совладаа најголемиот ривал Реал Мадрид (2-1) на контролен меч кој се одигра во Соединетите Американски Држави.
- Извештај од натпреварот:
Натпреварот помеѓу Барселона и Реал привлече големо внимание бидејќи на Метлајф стадионот имаше преку 80.000 навивачи, а на крајот блауграните успеаја да победат. Дуелот не започна според планот, затоа што беше прекинат поради невреме. Публиката беше евакуирана од трибини, а играчите испратени во соблекувална.
Ханси Флик повторно им даде шанса на младите од Ла Масија и Барселона Б и овој тим одигра навистина добар натпревар, а некои играчи покажаа дека може сериозно да се смета на нив. Херој на Барса беше Пау Виктор, кој игра одлично на подготовките, а по голот против Манчестер Сити, овој 22-годишник дури двапати успеа да ја затресе мрежата на кралскиот клуб во 42. и 54. минута. Кралскиот тим погоди во 82. минута кога одбраната на Барселона направи голема грешка при корнер, а тоа го искористи Паз кој погоди за 2-1, што беше и конечен резултат на оваа игра.
До крајот на подготовките во Америка, екипата на Барселона сепак ќе ги одмери силите со Милан, додека Реал Мадрид ќе игра со Челзи.