• Горан Упале

Баерн Минхен и Хари Кејн ја продолжија соработката до 30 јуни 2029 година, потврди германскиот гигант. Досегашниот договор на англискиот голгетер истекуваше следното лето, но раководството на баварскиот клуб одлучи да го задржи уште две сезони.
Кејн пристигна во Минхен во 2023 година и оттогаш се наметна како еден од најважните фудбалери на тимот. Англискиот напаѓач досега постигна неверојатни 156 гола на 161 официјален натпревар, а во тој период освои две титули во Бундеслигата, Купот на Германија и два Суперкупа.
Покрај клупските успеси, Кејн се закити и со индивидуални признанија. Беше најдобар стрелец во Бундеслигата, двапати ја освои „Златната копачка“ за најдобар голгетер во Европа, а неодамна беше прогласен и за најдобар фудбалер во светот за 2026 година.
„Се чувствувам како дома во Баерн. Ги сакам клубот, навивачите и градот Минхен. Имаме фантастичен тим и фантастичен тренер во Винсент Компани. Многу сум горд што сум дел од овој клуб. Моето семејство е многу среќно тука, сакав да останам и со нетрпение ја очекувам иднината. Сакам да освојам уште многу трофеи со овој голем клуб“, изјави Кејн.
Според пишувањата на „Тајмс“, англискиот репрезентативец ќе го задржи статусот на најплатен фудбалер во Баерн, со годишна бруто-плата од 25 милиони евра. Но, новиот договор не носи зголемување на неговите досегашни примања.








