Таиво: Ме прашуваа колку пари сум зел од Сити за шампионскиот гол на Агуеро во 2012

Завршницата од сезоната 2012/13 во Премиер лигата се смета за една од најлудите и највозбудливите во историјата на англискиот фудбал. Во последното коло двата гиганти од Манчестер водеа голема битка за шампионскиот трофеј, кој на крај заврши во рацете на „граѓаните“. 

Големата радост на синиот дел од Манчестер ја донесе аргентинскиот ас Серхио Агуеро, кој во 95. минута против Квинс Парк Ренџерс погоди за победа од 3-2 на својот тим.

Токму овој гол, како и целото последно коло на Премиер лигата крена многу прашина кај фудбалската јавност во Англија, а неодамна на оваа тема пишуваше и Gol.mk

<<< ПОВРЗАНО - Теорија на заговор или реалност: Титулата на Сити во 2012 беше подарена!?

Еден од актерите кои се смета дека му помогнал на Сити да го освои шампионскиот трофеј е тогашниот лев бек на Квинс Парк Ренџерс, Таје Таиво, кој не успеа да го сопре Агуеро при постигнувањето на победничкиот гол. По неговото враќање во Милано (во Квинс Парк Ренџерс играше само една сезона како позајмен фудбалер) на првиот тренинг добил незгодно прашање од тренерот и соиграчите, кои го открива по осум години. 

„На првиот тренинг во Милан по моето враќање тренерот ми рече: „Каде ти се парите што ти ги дадоа. Дај подели и со нас нешто“. Во прв момент не знаев што ми зборува, а откако играчите почнаа да се смеат сфатив дека се шегуваат со мене. Потоа ми рече: „Затоа што си силен и можеше да му ја земеш топката на Агуеро при тој гол. Можеби газдите на Сити ти дале пари да не биде така“. 

Многу пати ја гледав таа снимка. При таа акција jaс бранев друг фудбалер, а откако Агуеро ја доби топката сфатив дека не можам да го стигнам и само ја испружив ногата да го блокирам. Но, не успеав во тоа“, рече нигерискиот дефанзивец. 

Tаиво сега има 35 години и сè уште е активен на фудбалскиот терен, настапувајќи за фински Ропс.