Таири: Среќен сум за првиот гол и заслужената победа над Вардар

Фудбалерите на Струга Трим Љум победија на гостувањето кај Вардар (1-3) во рамките на 16. коло од ПМФЛ. Еден од стрелците во Скопје беше младиот 18-годишник, Хадис Таири, кој ја искористи шансата од тренерот Шпетим Дуро

Самиот фудбалер нагласи дека е среќен за деби-голот во првиот тим на стружани, меѓутоа и за резултатот против вардарци. 

„Дефинитивно мора да му се заблагодарам на тренерот за довербата и шансите кои ми ги дава. Му се заблагодарувам за можноста да ги докажам своите фудбалски квалитети. Многу сум среќен за првиот гол во дресот на Струга, но пред сè бидејќи помогнав да ги освоиме трите бода кои ги заслуживме. 

Се надевам дека ќе продолжиме со вакво темпо, и јас и тимот. Сакам да ја исполниме клупската цел, а тоа е да бидеме конкурентни во трката за нова шампионска титула“, изјави Таири.

Триумфот над Вардар беше важен за стружани, бидејќи на заостанатиот натпревар против Воска Спорт, со евентуална победа можат да го преземат врвот во ПМФЛ.