Таири го реши Тетекс, Струга Трим Љум на победа до прволигашка промоција

Најдобрата екипа во ВМФЛ-Запад, Струга Трим Љум уште во следното коло може да биде промовирана во прволигаш. Доближувањето до математичка промоција, стружани го направија попладнево пред своите гледачи и го совладаа Тетекс со 1-0 (0-0). 

Единствениот гол на натпреварот го постигна Фламур Таири на почетокот од вториот дел. Дуелот беше нервозен, покажани беа серија на жолти картони и еден црвен (заради два жолти картони) за гостинскиот фудбалер Беќири во 69. минута од натпреварот. 

На клупата на „штофарите“ неуспешно деби имаше новиот тренер Џони Тодоровски.

Ако утре второпласираната екипа на Лабуништа не го совлада Пелистер, веќе следната сабота Струга Трим Љум може да биде прволигаш. На Тетекс му останува грчевите борба за опстанок и уште четири кола да го избегне најлошото.