• Иван Димовски

Фудбалерите на Струга Трим Љум ќе го дочекаат Шкупи во рамките на последното 33. коло во ПМФЛ. Старо-новиот шампион на Македонија веќе има обезбеден статус, меѓутоа најавува борба против тимот кој се бори за излез во Европа.
Во пресрет на натпреварот зборуваше младиот лев бек, Хадис Таири. Тој нагласи дека сите во клубот посакуваат да ја затворат сезоната шампионски, со триумф во дербито.
„Ова е неверојатна работа за мене, не можам да опишам со зборови. Чувството е уште подобро дека го освоив првиот трофеј со тимот од мојот роден град. Иако веќе сме шампиони благодарение на победата во Тетово со Шкендија, ќе одиме на триумф и против Шкупи. Ветуваме борба како во сите останати натпревари оваа сезона. Можеби за нас мечот нема важност, но ќе бидеме фокусирани да победиме. Желбата да ја завршиме сезоната со победа како вистински шампион е голема.
Евентуален триумф би бил за нашите навивачи кои нè бодреа низ целата сезона. Се надеваме дека ќе ја исполниме и во добра атмосфера ќе ја прославиме втората шампионска титула. Струга тоа го заслужува“, изјави Таири.
Со обезбедената втора титула во низа, Струга пак ќе игра во квалификациите за Лигата на шампионите и во првото коло ќе има подредена улога во однос на носителите.