• Иван Димовски
Романскиот фудбал остана без една од своите најголеми легенди, откако почина Мирчеа Луческу на 80-годишна возраст.
Веста ја потврди Универзитетската итна болница во Букурешт, од каде ја соопштија информацијата за смртта.
„Универзитетската болница во Букурешт соопштува дека денеска, вторник, 7 април 2026 година, околу 20:30 часот, е констатирана смртта на господин Мирчеа Луческу.
Господин Луческу беше еден од најтрофејните романски тренери и фудбалери, првиот кој ја одведе романската репрезентација на Европско првенство во 1984 година.
Генерации Романци пораснаа со неговиот лик во срцата, како национален симбол. Нека почива во мир“, стои во соопштението на болницата.
Луческу на 29 март итно бил примен во болница откако му се слошило пред тренинг со репрезентацијата, а неколку дена подоцна, на 2 април, поднесе оставка од селекторската функција поради здравствени причини. Неговата состојба дополнително се влошила на 5 април кога бил префрлен на интензивна нега и ставен во индуцирана кома. Денес тој ја загуби најважната битка во животот.
