Тага и шок во Лучани: Станковски и останатите во неверување по смртта на Жижовиќ (ВИДЕО)

Младен Жижовиќ почина на 44-годишна возраст откако му се слоши среде меч од српската Суперлига меѓу Младост Лучани и неговиот нов клуб Раднички. Босанскиот стручњак кој во минатото седеше и на клупата на Шкупи се сруши крај теренот, па со возила на медицинска помош беше пренесен во болница.

Сепак, веднаш откако стигнал во болницата Жижовиќ ја загубил најважната битка и починал. Поради тоа судијата откако ја доби информацијата го прекина натпреварот, а ситуацијата на теренот беше тага, понор и шок меѓу играчите. Дел од нив паднаа на тревникот, дел не можеа да веруваат колку бргу ескалираше ситуацијата. 

На клупата за резерви на Раднички беше и македонскиот репрезентативец Лука Станковски кој седеше со рацете на лицето, неверување и тага во очите. 

Жижовиќ ја презеде клупата на Раднички пред десетина дена, а претходно беше тренер на Борац Бања Лука каде што работеше со македонските интернационалци Дамјан Шишковски и Бобан Николов.