• Саше Љолес
Душан Тадиќ беше екстремно незадоволен и посрамотен по огромниот пораз од 6-1 кој Фенербахче го доживеа на гостувањето кај Нордсјеланд во Лига Европа.
Српскиот репрезентативец не чекаше премногу и веднаш им се извини на навивачите и го нарече изданието на тимот „срамно и трагично“. Ова беше втор најголем пораз за Фенер по оној во 2004 година, кога на „Олд Трафорд“ загубија со 6-2 од Манчестер Јунајтед.
„Срамна вечер за нашиот тим. Овие порази не треба никогаш да се случуваат, затоа што ние сме Фенербахче. Имаме над 20 милиони фанови ширум светот и ваквите изданија се неприфатливи. Се извинувам од срце на сите навивачи, особено на оние кои допатуваа во Данска.
Не бевме способни да одработиме буквално ништо и тоа ме загрижува, но знам дека сме ментално силни да го пребродиме овој лош период и да почнеме со успеси многу наскоро. Целиот фокус сега е на следниот меч, ќе ни треба и поддршката од сите искрени навивачи на Фенер“, изјави Тадиќ.
Турскиот гигант забележа убедлив пораз во Данска, но сепак уште има шанси за прогрес во елиминациската фаза од Лига Европа. Фенер во последното коло ќе има голема фаворитска улога против Спартак Трнава и со евентуална победа, ќе има шанса за пласман во разигрувањето.
Во моментов турскиот претставник е третопласиран со 9 бода, колку што има и Лудогорец на втората позиција. Лидер на табелата во групата Х е Нордсјеланд со еден бод повеќе од ривалите, па овде очекуваме голема битка за челните позиции во завршните 90 минути од групната фаза.