Свири четири инструменти и зборува три јазици, а одлично котира и на листата стрелци во ПЛ

Патрик Бамфорд се етаблираше во еден од најдобрите поединци во редовите на Лидс Јунајтед и во првите шест кола од Премиер лигата, постигна исто толку погодоци. 

Фудбалерот пристигна на „Еланд Роуд“ во 2018 година, а претходно во последните седум години промени дури девет клубови. Досега за тимот на Марсело Биелса има 78 настапи и 32 погодоци на своето конто, а особено оваа сезона игра одлично. Англиските медиуми за него открија информации кои ја заинтригираа јавноста. 

Интересно, Бамфорд покрај фудбалот има и друга пасија - музиката. Напаѓачот на Лидс свири дури четири инструменти и тоа: клавир, виолина, саксофон и гитара, а покрај англискиот ги познава и францускиот, шпанскиот и германскиот јазик. Соиграчот на Алиоски е меѓу ретките кои имале можноста да студираат на угледниот Харвард, ама го одбил тоа за да биде професионален фудбалер.

Кариерата ја започна во Нотингем Форест и беше откупен од Челзи. Бамфорд пет години беше член на „сините“, ама не дебитираше на „Стемфорд Бриџ“, а беше позајмуван во МК Донс, Дерби, Мидлзбро, Кристал Палас, Норич и Барнли.