• Мартин Танасковски
Фудбалерите на Реал Мадрид конечно ставија крај на резултатската криза, откако на „Сантијаго Бернабеу“ го совладаа Леванте со 2-0 во рамки на 20. коло од шпанската Примера.
Иако „кралскиот клуб“ стигна до три бода, натпреварот мина во необична и напната атмосфера. Дел од трибините јавно го изразија незадоволството од актуелната состојба во клубот, при што навивачите со свирежи и бели марамчиња му порачаа на претседателот Флорентино Перез дека сакаат промени.
The Real Madrid fans are chanting "Florentino Perez, resign" at the Bernabeu. pic.twitter.com/RfkBQKNyZy
— Football Tweet (@Footballtweet) January 17, 2026
Под силен притисок беше и Винисиус Жуниор, кој беше исвиркан пред почетокот на средбата и видно емотивно го поднесе моментот, а потоа добиваше свирежи од трибините и при секој друг контакт со топката.
Pitos del Bernabéu a Vinicius. pic.twitter.com/afs1eM1b28
— -1899- (@_Futbolero_) January 17, 2026
На теренот, екипата на Алваро Арбелоа имаше доминација во поседот, но тешко наоѓаше решенија против дисциплинираната и компактна одбрана на Леванте. Во првото полувреме Реал имаше повеќе контрола, но без вистински опасни завршници, додека гостите најсериозно се заканија преку Андрес, чиј удар заврши крај стативата. Продолжението донесе поангажирана игра на домаќините, а клучниот момент се случи во 56. минута, кога Дела направи прекршок врз Килијан Мбапе во сопствениот шеснаесетник. Судијата Сесма без двоумење покажа на белата точка, а Мбапе беше сигурен реализатор за водство од 1-0.
По отворањето на резултатот, играта на Реал доби на сигурност. Само девет минути подоцна, Марко Асенсио го постави конечниот резултат, откако најдобро се снајде по корнерот изведен од Арда Ѓулер. До крајот на средбата, Реал имаше уште неколку изгледни шанси. Младиот Франко Мастантуоно ја погоди пречката со прецизен удар, Џуд Белингам беше запрен од одличниот голман Рајан, кој во финишот интервенираше и по обидот на Винисиус, спречувајќи потежок пораз за Леванте.
Со оваа победа, Реал Мадрид ја прекина серијата од два болни порази во Суперкупот на Шпанија и Купот на кралот и се искачи на втората позиција на табелата со 48 бодови, еден помалку од лидерот Барселона, која има натпревар помалку. Леванте, пак, останува на претпоследното место со 14 освоени бодови и продолжува борбата за опстанок.




