Свилар спасуваше, Дибала се повреди: Рома минимално го совлада Каљари (ВИДЕО)

За разлика од градскиот ривал Лацио, кој денес доживеа дебакл во Болоња, Рома ја продолжи победничката серија, дополнително искачувајќи се на табелата во Серија А. Во натпреварот од 29. коло, Рома на својот „Олимпико“ го совлада Каљари со 1-0 (0-0).

Иако домашниот тим имаше поголем посед на топката, Каљари беше поопасен ривал, а најголема закана кон голот на Свилар беше Пиколи. Сепак, Рома поведе во 62. минута. Домашните изнудија корнер од десната страна, по нафрлување во шеснаесетникот топката се одби од играч на Каљари до Довбик, кој ја искористи шансата од четири-пет метри и ја испрати топката зад голманот Каприле (1-0).

Каљари не се предаде, можеше да израмни во 68. минута кога Пиколи шутираше дијагонално од десната страна, но интервенираше голманот Свилар. Три минути подоцна дојде до нова закана пред голот на Рома. Јери Мина со глава се обиде по центаршут од слободен удар од левата страна на Ауџело, но Миле Свилар повторно одлично одбрани. Многу поголема грижа за римјаните дојде во 74. минута, кога Пауло Дибала се пожали на болка во тетивата, неполни десет минути по влегувањето во игра. Тој не беше во можност да го продолжи натпреварот, а на негово место влезе Писили.

  • Извештај од натпреварот:

Во судиското надополнување се случи контроверзна ситуација во шеснаесетникот на Рома, соборен беше Јери Мина, но судијата Пичинини сметаше дека нема елементи за најстрога казна. Рома сега изби на седмото место со 49 бода, додека Каљари остана во долниот дел на табелата со 26 бода.