• Саше Љолес
Миле Свилар имаше ноќ за паметење, откако стана херој на Рома во пенал-рулетот против Феенорд во шеснаесетфиналето од Лига Европа. Српскиот голман одбрани два удари во серија и го одведе својот тим во понатамошната фаза, а по натпреварот изјави дека целиот живот сонувал за вакво нешто.
„Ова е навистина неверојатно. Немам зборови, не знам како да ја опишам среќата што ја чувствувам. Целиот живот работев напорно за да бидам силен и фокусиран во вакви моменти. Навивачите ме поздравија со громогласни овации и морам да признаам дека тоа навистина ми се допадна. Мама миа, каква атмосфера имавме на „Олимпико“, посакувам да е така на секој натпревар“, изјави Свилар.
Рома прогресираше во осминафиналето од второто по ранг натпреварување на УЕФА, каде ќе се сретне со силниот и незгоден премиерлигаш, Брајтон. Миле Свилар е во рома од 2022 година, но не добиваше премногу шанси за настап. Можеби тоа ќе се промени после спектакуларната партија против Феенорд.