„Светското првенство беше наместенo за Меси да го освои пехарот“

Легендарниот холандски стратег, Луј ван Гал, изнесе шокантни мислења за неодамна завршеното Светско првенство во Катар, каде Аргентина по третпат во историјата се закити со титулата. 

Ван Гал на Мундијалот беше селектор на „лалињата“ и загуби во осминафиналната фаза токму од репрезентацијата на Аргентина. Стратегот тврди дека текот на првенството бил добро осмислен и „наместен“ за Меси конечно да го освои најпрестижниот трофеј.

„Видовте и самите како Аргентина стигнуваше до некои голови на Мундијалот. Не сакав многу да зборувам за тоа, но имаше нешто сомнително и недозволиво за ваков сериозен турнир. Нивните играчи во многу наврати ги минаа границите на нормално однесување, но не беа казнети ниту еднаш. Не зборувам само за мечот со Холандија, туку за целото првенство.

Сето ова навистина го мислам и убеден сум дека имаше нешто нерегуларно. Меси е апсолутен шампион и против него немам ништо лично, но само го искажувам моето искрено видување за Светското првенство. Многумина го тврдеа истото и порано, затоа не барајте никаква сензација во овие изјави“, рече Ван Гал. 

Аргентина во големото финале на Мундијалот ја совлада Франција и стигна до третата светска титула во историјата. Лионел Меси на овој турнир влезе во бесмртните и му се приклучи на легендарниот Диего Армандо Марадона. Наводите на Ван Гал навистина делуваат шокантно, но има и дел од јавноста која се сложува со неговите тврдења.