• Саше Љолес
Поранешниот италијански репрезентативец и светски шампион од 2006 година, Мауро Каморанези, е нов тренер на АЕК Ларнака. Аргентинецот со италијански пасош го презема кипарскиот прволигаш пред почетокот на сезоната 2026/27, откако претходно работеше со екипите на Кармиотиса и Анортозис.
Каморанези како играч остави длабока трага во европскиот фудбал, особено во дресот на Јувентус, а беше дел и од златната генерација на Италија која ја освои светската титула на Мундијалот во Германија во 2006 година.
Во својата тренерска кариера, 49-годишниот стратег работеше во Аргентина, Словенија, Малта и Кипар, а од него во Ларнака се очекува да ја продолжи амбициозната политика на клубот и да се бори за врвот во кипарскиот шампионат.
За Каморанези ова ќе биде нов предизвик во кипарскиот фудбал, каде што веќе стекна значително искуство и добро ги познава условите и конкуренцијата во лигата.

