• Мартин Танасковски

Екипата на Манчестер Сити продолжи да победува во Премиер лигата. „Граѓаните“ на Пеп не дозволија лошата форма од Лигата на шампионите да им влијае на домашната сцена и со 3-1 (1-1) славеа во дербито на колото против Челзи.
- Извештај од натпреварот:
Мечот на „Етихад“ беше возбудлив, со доста шанси и креативен фудбал, а до победата домашниот тим дојде со пресврт. Така, Манчестер Сити го прескокна Челзи на табелата и ја забележа 12-тата победа во Премиер лигата.
Дуелот почна лошо за „граѓаните“, поточно за новото засилување Кусанов. Играчот кој тукушто пристигна од Ленс направи грешка и му дозволи на Нони Мадуеке уште во 3. минута да донесе позитива за „сините“, а згора на тоа и една минута подоцна доби жолт картон.
На Манчестер Сити му требаше долго време за да се врати во игра, затоа што чекаше на израмнувачки гол дури до пред крајот на првиот дел. Хрватот Јошко Гвардиол во 42. минута успеа да погоди за 1-1 и тоа беше резултатот на паузата. Во вториот дел Челзи одолеваше се до 68. минута, кога Ерлинг Халанд даде светски гол откосо и тоа по асистенција на голманот Едерсон.
Во продолжението Челзи тргна на се или ништо, па точка на победата на тимот на Пеп Гвардиола стави Фил Фоден во 87. минута. Ова е голем буст за Манчестер Сити пред клучниот меч во Лигата на шампионите со Клуб Бриж, а потоа и дербито со Арсенал во Премиер лигата.