ВИДЕО: Сусо го спаси Милан кај Бетис, Арсенал не го победи Спортинг

Италијанскиот калчолигаш Милан уште еднаш не го победи Бетис и ќе мора да се бори во наредните кола за нокаут-фаза, затоа што во Шпанија со гол во средината на вториот дел се спаси од пораз (1-1).

„Росонерите“ одиграа две различни полувремиња. Имаа иницијатива во вториот дел, но, сепак, дадоа само еден гол. Бетис прв поведе преку Ло Селсо во 12. минута, додека ремито го постави Сусо, во 62. минута, со погодок директно од слободен удар со мала доза на среќа.

Арсенал на домашен терен не успеа да го совлада Спортинг Лисабон, кој играше без Стефан Ристовски во дефанзивата (0-0). Португалскиот славен тим одигра храбро на „Емирати“ и освои бод, иако последните минути од мечот ги играше со играч помалку поради исклучувањето на Матје.

Еден од јунаците на „лавовите“ на овој меч е голманот Рибеиро, кој бранеше на ниво. Мечот го одбележа и страшната повреда на Дани Велбек во првиот дел од средбата, поточно во 30. минута по еден лош доскок на Англичанецот.

На останатите натпревари, минимални победи запишаа Баер Леверкузен и Карабах, кои со 1-0 славеа над Цирих и Ворскла. Олимпијакос во Пиреја беше убедлив и со 5-1 го декласира Дуделанж,  возбудлив дуел се играше и во Трондхајм каде во меч со седум гола Салцбург беше подобар од Розенборг (5-2), а три бода запиша и Селтик на домашен терен против РБ Лајпциг (2-1).

Без победник завршија натпреварите на Бордо и Зенит (1-1), односно Славија Прага и Копенхаген (0-0).