Суперкупот на Шпанија втора година по ред во Саудиска Арабија

Искуството од јануари оваа година нема да остане единствено. Суперкупот на Шпанија, втора година по ред, ќе се игра во Саудиска Арабија, најавија челниците на федерацијата. Реал Мадрид, Барселона, Реал Сосиедад и Атлетик Билбао ќе бидат учесници на завршниот турнир, а титулата од минатата сезона ќе ја брани Реал Мадрид.

Шпанскиот Суперкуп Арабија ќе се игра од 13 до 16 јануари 2021 година. Полуфиналните натпревари ќе се играат на 13 и 14 јануари, а финалето е закажано за 16 јануари. Фудбалскиот сојуз на Шпанија со Саудиска Арабија потпишал тригодишен договор, од кој ќе заработи 120 милиони евра. Половина од овие пари ќе завршат кај екипите кои ќе играат во завршницата на Суперкупот.

Финалето на Купот на Кралот меѓу Реал Сосиедад и Атлетик Билбао е одложено за напролет, па за првпат Суперкупот ќе се одигра пред финалето на националниот Куп во Шпанија.