Супер-Тричковски вторпат е „Златната копачка“ на Кипар

Македонскиот фудбалер Иван Тричковски едноставно царува на Кипар. Фудбалерот на АЕК Ларнака го однесе тимот во квалификациите за Лигата на шампионите, а по крајот на „шампионскиот дел“ доби ново признание.

Тричковски во разигрувањето за Европа постигна пет гола, додека претходно, во регуларниот дел во кој АЕК Ларнака беше трета на табелата додаде уште 10 гола. Така, со вкупно 15 погодока поранешниот македонски репрезентативец ја доби наградата „Златна копачка“ на Кипар.

На листата Иван Тричковски заврши пред Финецот Берат Садик од Докса со тринаесет гола, додека третото место го делат дури пет играчи со по десет гола, тоа се Лазарос Кристодопулосус (Анортозис), Гиорги Квитилаија (АПОЕЛ), Они Валакари (Пафос), Јоанис Питас (Аполон Лимасол) и Стефан Шчеповиќ (АЕЛ Лимасол).

Претходно, Тричковски беше избран и за напаѓач во идеалниот тим на сезоната во кипарската Прва лига. Македонскиот фудбалер е дел од АЕК Ларнака од 2016 година, а ова за него е втора „Златна копачка“ по онаа во сезоната 2019/20 кога даде дваесет гола.